Вардар про не можеше да
посака подобар начин да им се реваншира на ракометарите на Металург за
загубената битка за титулата во домашното првенство, совладувајќи го лутиот
ривал во финалето од Купот на Македонија со 26-23. Откако го надмудри Лино
Червар во финалето од СЕХА-лигата, Веселин Вујовиќ уште еднаш ја доби битката
со хрватскиот стратег и на крајот сосема заслужено се радуваше на победата.
Вардарци можат да бидат горди на својата игра во последните петнаесетина
минути, кога имаа негатива од три гола и два играчи помалку на теренот при
резултат 19-16, но сепак собраа сили за фантастичен пресврт.
Вардарци нешто подобро
го започнаа натпреварот и поведоа со 3-1, но Металург брзо се врати во ритам и
израмни на 3-3. Периодот од 11. до 20. Минута целосно им припадна на
избраниците на Лино Червар, кои што дојдоа до предност од 12-8. Сепак,
актуелниот првак не успеа да издржи во ист ритам до крајот на првото полувреме,
дозволувајќи му со неколку грешки во нападот на противникот со лесни голови на
спротивната страна да израмни на 12-12.
Во овој период Лино
Червар неколку пати ризикуваше и се реши да го извади Станиќ од игра кога
Металург имаше играч помалку и да го замени со ракометар во поле, но ваквата
тактикa не вроди со плод и му помогна на противникот уште полесно да се врати во
мечот. Во финишот од првото полувреме се разбуди и голманот на Вардар, Милиќ,
кој одбрани зицери на Георгиевски и на Манасков, па на одмор се замина со
минимална предност на Металург од 14-13.
На почетокот од второто
полувреме и двата тима влегуваа во кратки голгетерски серии, но во 43. Минута дојде
и до сериозни тензии по еден поништен гол на Стојанче Стоилов, за што
македонскиот репрезентативец доби две врзани исклучувања од по две минути.
Следеа протести и на останатите ракометари на Вардар, за што следеше уште едно
исклучување со што Металург доби извонредна можност резултатски да се одлепи
(во тој момент резултатот гласеше 19-16). Сепак, „вардарци“
одговорија на предизвикот, одиграа рутински и во нападот и во одбраната и во
овој период одиграа 1-1, за веднаш потоа да се доближат и на 21-20. Кризата во
играта во напад на Металург продолжи, па Марковиќ преку брз против-напад
постигна израмнувачки гол за Вардар за 21-21.
Червар повторно се
коцкаше вадејќи го Станиќ од игра и уште еднаш беше казнет, па „вардарци“
постигнаа погодок од гол на гол и поведоа со 22-21. Металург повторно доби
ракометар повеќе, но следеше нова грешка на актуелниот шампион што Марковиќ со
нов против-напад ја казни за водство на Вардар про од 23-21. Агонијата на
Металург кулминираше на пет минути до крајот, кога Мојсовски го промаши својот
прв пенал, потоа и следниот удар по одбиената топка до него, по што „вардарци“
реализираа на спротивната страна и стигнаа до огромна позитива од 24-21.
„Црвено-црните“ искусно знаеја да ја сочуваат оваа предност и на крајот славеа
со конечни 26-23 и по осми пат се закитија со големиот трофеј во Купот на
Македонија.