Онака како што се
очекуваше екипите на Металург и Вардар Про ќе се сретнат во финалето на
годинашново издание во Купот на Македонија, откако во втората полуфинална
средба вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје „металурзите“
славеа против Куманово со 33-10 (18-3).
Без поголеми
проблеми Металург стигна до победата уште со фуриозниот старт по кој на
почетокот се стекна со предност од 9-0 најавувајќи дека кумановци нема што да
бараат на меѓусебната пресметка. Првиот погодок екипата на Куманово го постигна
во 17. минута, за 9-1, а на полувремето скопјани заминаа со предност од 15 гола
разлика, 18-3.
Сосема слично се
играше и во вториот дел, за да „металурзите“ стигнат до конечни 33-10. Во
победничкиот тим без конкуренција за издвојување е младиот голман Митревски кој
стигна до одлични 23 одбрани, додека најефикасни во триумфот беа Марковиќ и
Георгиевски со по шест постигнати гола.
Финалето од Купот
на Македонија меѓу Металург и Вардар Про се игра во недела во СЦ „Борис
Трајковски“ со почеток од 17:30 часот.